Стилови на игра

Покерот е игра на погрешни насоки. Во покерот најбитно е секогаш противниците да мислат погрешно, односно да имаат погрешна претстава за тоа со какви карти располагаш и колкава е можноста да имаш подобри карти од нив. Затоа е најдобро да се игра стилот кој е спротивен на твојот вообичаен стил на игра. Следуваат најпознатите стилови на игра во светот на покерот.

Стил 1: Претпазлив пристап

Овој стил е најпрепознатлив по:
1. Играње на малку, но високо-квалитетни раце од еден просечен играч.
2. Играње на рацете на начин кој ги олеснува последователните одлуки кои треба да се направат.
3. Избегнување на ол-ин потези освен во случај кога раката е доста сигурна дека ќе го освои потот.

Почетни потези во претпазливиот стил на игра

Овие предложени потези одговараат на полна маса од 8-10 играчи, каде што ти си прв на потег.

Рана (прва или втора) позиција: Зголеми го влогот ако имаш висок пар (два кеца, два крала, две дами). Исто така зголеми го влогот и ако имаш среден пар како Џандари и Десетки, со цел да се намали бројот на раце кои остануваат во игра. Зголеми го влогот и ако имаш Кец-Крал (без разлика дали во ист знак или не) или Кец-Дама (во ист знак).

Средна (од трета до шеста) позиција: Зголеми го влогот со сите од горе наведените раце или ако имате пар Деветки или Осмици, исто како и Кец-Дама, Кец-Џандар или Крал-Дама (во ист знак или не).

Доцна (седма или осма) позиција: Зголеми го влогот ако имаш некоја од горе наведените раце. Исто така можеш да го зголемиш влогот и ако имаш: Кец-Х (Х -> било која карта), или високи конектори во ист знак како што се Дама-Џандар или Џандар-Десетка.

Но треба да се запомни дека има разлика во отварање на влог или влегување, т.е. следење на претходно поставен влог. Ако си на една од доцните позиции, а сакаш да следиш претходно поставен влог, треба да имаш барем карти од кои се специфични за средната позиција. Ако се наоѓаш на средните позиции пак, треба да имаш карти кои одговараат на раната позиција.

Кога се игра прептазливо, може да се случат следните нешта:
1. Ќе влезеш претпазливо во неколку потови. Добри, солидни раце не доаѓаат толку често.
2. Кога ќе следиш влог, ти обично ќе бидеш фаворит на раката.
3. Ќе бидеш во можност да донесуваш релативно лесно одлуки после флопот. Ако започнеш со добра рака и ако флопот те погоди, твојата рака ќе биде многу силна. Ако флопот те промаши, ти сеуште можеш да ја имаш најдобрата рака иако некој друг е погоден од флопот.
4. Ќе освоиш голем број на мали потови, но многу малку големи потови.

Претпазливиот стил на игра е најпрепорачлив за почетниците, бидејќи на тој начин избегнувате голем број на неволји, што е доста битно во покерот. Секој пот во кој си влезен има потенцијал да ти ги земе сите твои чипови.
Ако ја испробаш претпазливата игра, а не ти се допадне, тоа е во ред. Може да биде твојот природен стил. Но ако не те остава рамнодушен и ако сакаш цело време да ја диктираш играта, тогаш можеби треба да го испробаш агресивниот стил на игра.

Стил 2: Агресивен Пристап

Оној кој игра со агресивен стил, може да игра со сите карти од претпазливиот стил на игра и плус повеќе. Следните комбинации на карти се можни за агресивниот стил на игра:

1. Сите парови
2. Кец и било која друга карта
3. Конектори во исти знак, па дури и ако се мали, како на пример петка-четворка во исти знак
4. Било кои карти со слика (со слика се само Џандар, Дама и Крал).

Агресивните играчи не се премногу загрижени за позицијата, па така, сите овие раци се добри за отварање дури и во раните позиции. Во споредба со претпазливата игра, агресивниот стил има неколку предности.

1. Агресивниот играч игра многу повеќе потови.
2. Агресивниот играч краде многу повеќе потови.
3. Агресивниот играч е многу потешко да се прочите.
4. Многу е тешко да се каже дали флопот му помогнал на агресивниот играч или не.
5. Агресивниот играч сака да освои голема сума на неговата монструозна рака.

Додека негативностите се:
1. Ако влезе со слаби карти, агресивниот играч ќе треба да донесе потешки одлуки после флопот.
2. Со играње и вложување во многу раци, агресивниот играч често ќе паѓа во стапица на монструозна рака.
3. Агресивниот играч ќе се соочи со многу голема промена во бројот на чипови.

Агресивниот стил на игра е потешок за играње отколку претпазливиот стил, затоа секогаш на почетниците се препорачува претпазливиот стил на игра.
Агресивната игра бара добро развиен осет за масата. Играјќи агресивно често ќе се среќавате со среден или слаб пар после флопот и ќе се мислите дали противничкиот играч има подобра рака од тебе или само те изигрува. Ако и агресивната игра не е сеуште онаа која те задоволува, тогаш преминуваме на уште поголемо ниво.

Стил 3: Супер-агресивен Пристап

За овој стил на игра не треба да трошиме време за почетните раци, бидејќи нема такви. Супер-агресивен играч е способен за отворање со било кои две карти на било која позиција, во било кое време. Затоа овој стил е интересен за гледање, но опасен за играње. Поентата на супер-агресивниот стил е да се играат многу потови. Бидејќи супер-агресивниот играч може да игра многу раци од различни позиции, неговите противници неможат лесно да го видат флопот и да одлучат дали е тоа опасно за нив или не. Пример ако играте против некој кој игра претпазливо, тогаш флоп со Шестка, Четворка и Тројка е речиси безопасен. Додека ако играте против супер-агресивен играч тогаш може да очекувате Скала, Два Пара или Сет. Супер-агресивниот играч одлучува дали да влезе или да не влезе во потот на два начина. Секако, тие ќе влезат со карти кои имаат солидна вредност. Но и да немаат солидна вредност, тие пак можат да влезат за разлика од нивната моментална состојба. Дали многу играчи се откажале? Која е нивната позиција после флопот? Дали играчите после нив се слаби? Дали имаат мало конто? Дали играат претпазиливо? И така натаму. Ако одговорите на повеќето од овие прашања се Да, тогаш супер-агресивниот играч може со било кои две карти да направи потег, размислувајќи дека може да победи на три начина:

1. Никој не го следи влогот и ти го земаш влогот од блиндите.
2. Некој следи, но ти добиваш на флопот подобра рака.
3. Некој следи, ти не добиваш на флопот, но секако блефираш.

За да постигнеш успех со овој пристап, како прво треба да бидеш набљудувач и имагинативен. Овој стил бара многу работа и искуство, но се покажа најуспешен кај некои од големите светски професионалци како Гас Хансен, Дениел Неграну и Фил Ајви.
Главната предност на супер-агресивниот стил на игра е тоа што играш и имаш шанса да освоиш многу потови. На маса со слаби играчи, без разлика активни или пасивни, едноставно самото влегување во потот е предност и супер-агресивниот пристап е позитивен во овој случај. Слабостите на овој стил се потребната енергија и предвидувањето на опасноста, бидејќи цело време се движите по работ и ако немате доволно енергија, ќе паднете во бездната, а тоа во овој случај значи губење на сите чипови или елиминација од турнирот.

Коментари